Натпреварот од Францускиот куп меѓу Пари Сен Жермен и Пајс де Касел ќе остане запишан во историјата на францускиот гигант. На овој меч против екипата која игра во шестата лига во Франција, ПСЖ победи со убедливи 7:0, а играчот кој блесна е Килијан Мбапе. Францускиот голгетер првпат во кариерата постигна пет погодоци на еден меч. Досега во историјата на ПСЖ немало фудбалер кој постигнал толку голови.
Но многу фанови на социјалните мрежи не се воодушевени од подвигот на Мбапе, посебно кога некој сака да ги спореди петте голови што Мбапе ги даде на еден натпревар со петте голови кои Меси ги постигна на една средба.
Меси „пукна петарда“ на натпревар во 2012 година, додека играше за Барселона. Тоа го направи против Баер Леверкузен во меч од 16-финалето во Лигата на шампионите. Барселона победи убедливо со 7:1, а Меси даде пет гола.
Според многумина, петте гола на Меси во нокаут-фаза од ЛШ против германски бундеслигаш никако не може да се споредуваат со петте голови на Мбапе постигнати во дуел против шестолигаш во Француски куп.