Баерн Минхен успеа во последна минута да извлече реми и се спаси од пораз играјќи 1-1 против Келн на „Алијанц арена“. Баварскиот тим сега има четири бода предност на врвот пред Лајпциг.

Минути го делеа Баерн Минхен од вториот пораз оваа сезона, прв на домашен терен, меѓутоа Џошуа Кимих се јави како спасител.

Келн поведе по еден корнер во четвртата минута, стрелец беше Скири. Баерн направи комплетна опсада, со посед на топката преку 80 отсто во вториот дел, но гол немаше.

На крајот во 90. минута, Кимих прими една топка на 30 метра од голот на Келн, и испрати проектил, кој тешко се брани.  Баварците се на врвот на табелата со 36 бода, сега само четири повеќе од Лајпциг. Келн падна на десетатата позиција со 21 бод.

 

Волфсбург го декласира тимот на Херта на гости со 0:5, Сванберг, Арнолд, Винд, Баку и Мармуш беа стрелци на головите за „волците“.

Хофенхајм во последните мигови стигна до реми (2:2) против Штутгарт.