Шпанија го замолкна Стокхолм, и второ Светско првенство во ракомет по ред се радува на бронзен медал. Во „малото финале“ вечерва го совладаа еден од кодомаќините и актуелен европски шампион Шведска, со 39-36.
Цврстата одбрана на Шпанците, и вештината да се сочува сопствениот гол ја доведе „фуријата“ до целта и третото место на СП. Во првото полувреме се играше брз ракомет и на двете страни, кој повеќе им одговараше на Швеѓаните. Со една серија првпат се одлепија на плус три (16-13), а наскоро поведоа и со 20-16, разлика која ја задржаа и до крајот на полувремето.
Меѓутоа, во вториот дел, генијалецот на клупата на Шпаницте, стратегот Џорди Рибера, спреми нова тактика.
Со зона 5-1 во одбраната, со Родриго Коралес на голот наместо Перес де Варгас, Шпанците ги изненадија Швеѓаните и направија тотален пресврт. Домаќинот постигна само еден гол во првите осум минути. Тоа им овозможи на Шпанците серија од 6-0 за водство од 25-23 со една борбена и тактички мудра игра во нападот.
Се форсираше игра на пивот и затоа Адријан Фигуерас го заврши мечот со девет од девет. Меѓутоа, извонреден диригент на целиот напад беше Алекс Душебаев, кој заврши со седум гола. Швеѓаните се обидуваа да се вратат, последната шанса ја имаа во 53. минута кога со пенал можеа да дојдат на минус два, но Де Варгас го одбрани и тоа беше и крај на надежите на Скандинавците да се вратат во игра.