Чешката влада и Чешкиот олимписки комитет се против настапот на Русија и Белорусија на Олимписките игри во Париз.
Чешкиот олимписки комитет (COV) и владата во понеделникот зазедоа став против идејата руски и белоруски спортисти да учествуваат под неутрално знаме на Олимпијадата во Париз во 2024 година.
„Руските и белоруските спортисти не можат да учествуваат на Олимписките игри“, се вели во соопштението на Чешкиот олимписки комитет (COV).
COV додаде дека не гледа „никакваа причина“ да се преиспита нивното исклучување од повеќето спортски настани, што беше решено по влегувањето на руските сили на украинска територија на 24 февруари 2022 година.
„Чешкиот олимписки комитет јасно ги поддржува санкциите против Русија и Белорусија кои Меѓународниот олимписки комитет ги донесе минатата година и кои сè уште се валидни. Не гледаме причина да ги промениме. Руските и белоруските спортисти не можат да се натпреваруваат на Олимписките игри“, рекоа од Прага.
Сепак, COV нагласи дека нема да ги натера чешките спортисти да ги бојкотираат Игрите доколку олимпиското движење го избере патот на реинтеграција на руските и белоруските спортисти под неутрално знаме.
„Се разбира, ќе ги почитуваме желбите на секој спортист доколку одлучи да не учествува“, се додава.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) на крајот на јануари предложи план за организирање на враќање на забранетите спортисти под неутрално знаме, под услов тие „активно да не ја поддржуваат војната во Украина“.
Украинските власти веднаш ја отфрлија иницијативата, заканувајќи се со бојкот, а потоа и Полска и Естонија.
Чешкиот премиер Петр Фиала, исто така, им даде поддршка во понеделникот.
„Навистина не можам да замислам руски и белоруски спортисти да се натпреваруваат во Париз, додека украинските спортисти гинат бранејќи ја својата земја. Под овие околности, учеството на руските спортисти на Олимпијадата не ми изгледа како добра идеја“, рече шефот на чешката влада.