Почина Мирослав Чиро Блажевиќ на 88 години, легендарниот тренер и селектор на Хрватска, после долга борба со ракот.
Болеста првпат му беше дијагностицирана во 2011 година, а двапати успеа да ја победи. .
Чиро е роден во 1935 година како осмо и најмало дете на Катарина и Мата Блажевиќ. Играше фудбал до 31 година во Мутиер, Швајцарија, кога реши да стане тренер.
Во Швајцарија ги водеше Вевеј и Сион, а потоа во 1979 година стана селектор на оваа земја. Подоцна ја презеде Ријека, која ја водеше до четвртфинале на КПК, каде што загубија од Јувентус.
Во 1982 година по 24 години успеа на Динамо Загреб да му ја донесе титулата шампион на Југославија.
„Тоа беше нешто совршено и, без конкуренција, најголемиот успех во мојата кариера. Секоја чест за бронзениот медал во Франција, но за мене 1982 година и титулата на Динамо е круна на сето она што го направив како тренер“, изјави Блажевиќ.
За сите останати, најголемиот успех во кариерата на Чиро Блажевиќ беше третото место на Светското првенство во Франција во 1998 година. Хрватска водеше во полуфиналето со 1-0, но тогаш Лилијан Тирам, бекот на Франција, ги постигна единствените два гола во својата репрезентативна кариера и ги одведе „триколорите“ во финалето.
Последната тренерска работа му беше во Задар во 2014 година.