„Кралот“ дојде до бројката од 38.390 поени за што му требаше нешто повеќе од 1.400 натпревари во најсилната лига на светот, додека Џабар до своите 38.387 поени ги постигна на 1.500 мечеви. Рекордот падна на десет секунди пред крајот на третата четвртина, кога мечот беше прекинат за да му се укаже честа која Леброн несомнено ја заслужува.

„Ви благодарам на сите што верувате во Лејкерс. Вие сте единствени. Ви благодарам што ми овозможивте да бидам дел од нешто за што сонував. За мене е сон само што можам да стојам до легенда како Карим-Абдул“, изјави кратко емотивниот Леброн.

 

Џабар, кој го држеше овој рекорд од 1984 година, симболично му ја предаде топката на Џејмс со која го урна неговото остварување. Тој пред неколку години даде интересна изјава поврзана со овој момент, кој уште тогаш се навестуваше.

„Сакам мојот рекорд да биде соборен, бидејќи само тоа е мерило на напредокот на човекот. Секој пат кога некој спортист оствари нешто за кое се мислело дека е недостижно, тоа делува инспиративно за целото човештво“, изјави легендарниот центар.

 

На натпреварот присуствуваше целото семејство на Леброн, како и многу големи ѕвезди, кои со воздишки го следеа секој потег на „Кралот“.