Ова е и прв пораз за „Кралот“ по серија од пет победи по ред од кога се игра ваков формат во мечот на сите ѕвезди. Најзаслужен за триумфот на составот на „грчкиот ѕвер“ беше бекот на Бостон селтикс, Џејсон Тејтум, кој средбата ја заврши со 55 поени, убедливо најмногу во историјата на олстар-натпреварите. Тој стана само третиот досега што успеал да ја мине границата од 50 поени, по Ентони Дејвис и Стеф Кари.

Одличен кај победниците беше и поранешниот „џезер“ Донован Мичел, кој пред „своите“ навивачи постигна 40 поени со 10 асистенции. Капитенот Адетокумпо ги постигна првите поени на натпреварот и по само 20 секунди поради повреда на зглобот на раката излезе од игра, за која се сметаше дека целосно ќе го отстрани од дуелот на сите НБА-ѕвезди. Кај тимот на Џејмс најдобар беше Џејлен Браун (Бостон) со 35 поени и 13 скокови, додека Џоел Ембид и Кајри Ирвинг постигнаа по 32 поени.

Леброн средбата ја заврши со 13 поени, а бидејќи пријави повреда играше само во првото полувреме, додека во продолжението се дружеше со ќерките на трагично загинатиот Коби Брајант. Слаб поентерски учинок имаа и Никола Јокиќ и Лука Дончиќ кои дадоа по четири поени за тимот на „Кралот“.

Стартери во тимот на Леброн беа уште Лука Дончиќ, Никола Јокиќ, Џоел Ембид и Кајри Ирвинг, а тој ги избра уште и Ентони Едвардс, Џејлон Браун, Пол Џорџ, Тајрис Халибартон, Џулиус Рендл, Деарон Фокс и Џарен Џексон.Тренер на тимот беше Мајк Мелоун од Денвер.

Во тимот на Јанис стартери беа уште и Лаури Марканен, Донован Мичел, Џа Морант и Џејсон Тејтум, додека од клупата во игра влегоа Демиен Лилард, Џру Холидеј, Шеј Гилџес-Александер, Демар Дерозан, Паскал Сиакам, Бам Адебајо и Домантас Сабонис.