Фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во финалето на Светското клупско првенство во фудбал.
На стадионот во Рабат,Реал Мадрид во полуфиналето го победи Ал Ахли со 4:1 (1:0) и сосема заслужено ќе игра во мечот за трофејот кој се игра в сабота од 20 часот.
Шпанците и пред овој дуел беа големи фаворити и тоа апсолутно го потврдија на теренот.
Иако без повредените Бензема и Милитао, фудбалерите на кралскиот клуб успешно ја завршија работата.
Ал Ахли тргна подобро, имаше две добри шанси во 19. и 27. минута, но потоа за една минута Реал пропушти две одлични шанси во 28. и 29. минута, во кои беа вклучени Винисиус и Родриго.
Сепак, во самиот финиш на првото полувреме, во 42. минута Реал поведе.
Винисиус направи одличен продор, го лобуваше голманот и ја затресе мрежата за 1:0.
Одлична работа, Мадриѓаните завршија веднаш на стартот на вториот дел.
Лука Модриќ со одлично додавање ја изигра противничката одбрана, создаде шанса за Родриго, голманот го одбрани неговиот удар, но Федерико Валверде беше на вистинското место – 2:0.
Едуардо Камавинга направи пенал во 64. минута, а Ал Ахли така доби шанса да се врати во мечот.
Прецизен изведувач на најстрогата казна беше Али Малул, кој на тој начин го намали резултатот на 2:1.
Финишот на натпреварот беше возбудлив, Ал Ахли се уште беше во игра, но во 86. минута по гледањето на видеото на ВАР беше досуден пенал и за Реал.
Лука Модриќ ја презеде одговорноста да изведе удар од 11 метри, но Мохамед Ел Шанави прочита каде ќе шутира и го одбрани неговиот удар.
Сепак, Реал ја заврши работата со два гола во судиското надополнување.
Најпрво во втората минута од судиското надополнување Родриго со убав гол по фантастичното додавање на Себаљос зголеми на 3:1, а во осмата минута од судиското надополнување точка на мечот стави Серхио Арибас за конечни 4:1. Реал во финалето ќе игра против Ал Хилал, кој во вторникот во првото полуфинале го победи Фламенго со 3:2.