Екипата на Порто предводена од голманот Никола Митревски ја забележа првата сезонска победа во Лигата на шампионите, откако на свој терен триумфираше против амбициозниот тим на Динамо Букурешт, со резултат 32:23.

Митревски натпреварот го заврши со 11 интервенции, додека вториот голман на Порто, Себастијан Франдсен, кој бранеше во последните десет минути успеа да запише три интервенции.

Почетокот на дуелот донесе израмнета борба и игра гол за гол. Двете екипи наизменично се менуваа во водство до 10-та минута. По нерешените 6:6, избраниците на Чави Пасквал со серија од 2:0, односно со погодоците на Акименко и Кудуз направија исчекор и се одлепија на два гола разлика, 8:6. Кон средината на првиот дел од првите 30 минути, голманот на македонската репрезентација Никола Митревски имаше осум одбрани од 17 упатени удари.

Порто не се предаваше, но гостите предводени од Кудуз беа чекор пред домаќинот и во следниот период одржуваа позитива од еден до два гола разлика. Водството на Динамо Букурешт во 20-та минута беше 10:8. Сепак, домашниот тим во последните минути од првото полувреме направи целосен пресврт.

Митревски продолжи да брани во одлична форма на голот, па така неговите колеги, откако имаа негатива од 10:7, изедначија на 10:10, а пред финишот од првиот дел дојдоа и до ,,плус два” гола, 14:12. Првиот дел заврши со минимална предност на Порто од 14:13.

https://twitter.com/ehfcl/status/1623413640232677376?s=20&t=gYB78yAx9sKbGxkBWXXUORosyZ7nJF_afutQqnPDzv8

Португалскиот претставник во најквалитетното европско натпреварување на почетокот на вториот дел се одлепи на 15:13 и започна да има контрола на резултатот, не не поголема од два гола разлика. Улогите од првиот дел се сменија во вториот дел и Порто беше екипата која водеше со еден до два гола разлика, додека гостите од Букурешт се обидуваа да направат камбек во дуелот.

Тимот на Порто во 45-та минута со голот на Ареиа конечно дојде до позитива од три гола разлика, 22:19. Динамо Букурешт потфрли кога најмногу требаше, правеше грешки во обидите да се врати во игра и му дозволи на домаќинот да гради сигурна предност. Екипата на Порто во финишот од дуелот влезе со предност од 26:21 и го водеше натпреварот до прва сезонска победа во елитното натпреварување.