Горан Пандев и Брера Калчо го почнаа походот кон една фудбалска приказна со главен центар Струмица во мрежата на фудбалски клубови кои ќе бидат купени од Брера Холдинг“, откако оваа италијанско-американска компанија во која член на Бордот е македонската легенда, синоќа официјално се појави на берзата Насдак во Њујорк.
Пандев од Њујорк со партнерите Брера од вчера го почнуваат проектот во кој прва цел е купопродажба на Академија Пандев, а потоа и на клубови од Мозамбик, Гана, Аргентина и комплетна реконструкција од лето, почеток на приказна за вистински фудбалски бизнис.
„Многу луѓе не веруваа во овој проект. Ама, на крај јас сум среќен што во Македонија ќе инвестираат Американци и Италијанци. Акциите ги продадоа на берза и сега ќе почнат да купуваат клубови. Прв е Академија Пандев, па се надеваме дека ќе избориме опстанок и од следната сезона ќе направиме тим кој ќе игра главна улога во македонското првенство“, вели за Спорт1, Пандев од Њујорк.
Калчолигашката икона, која лани стави крај на величенствената кариера, со партнерите од Брера, официјално присуствуваше на пуштањето во промет на акциите, кои имаа раст уште на првиот ден од појавата на берзата Насдак
„Првпат сум на ваков настан, навистина сум позитивно изненаден и возбуден што нашиот клуб беше претставен на њујоршката берза. Имаат луѓето идеи и проект и се надеваме дека ќе ја видиме Академија Пандев за некоја година во групите на Конференциската лига. Јас направив сѐ за овој проект да се оствари, сега тие (на газдите од Брера – н.з.) ќе треба да се докажат дека клубот може да го претстават на големи врати во Европа, а тоа е место во групната фаза во Европа и атак на титулата во Македонија“, додава Пандев.
Струмица треба да биде центар на проектот зашто европскиот фудбалски пазар е најголем и најмоќен за промоција на фудбалери.