Кошаркарската Евролига ги сооппшти кандидатите за најдобар корисен играч-МВП на основната сезона, на 10 кола до крајот на лигашкиот дел.
За главен фаворит важи крилото на Олимпијакос, Александар Везенков. Репрезентативецот на Бугарија досега беше еден од главните играчи на црвено-белите од Пиреја, особено од почетокот на сезоната. Има просек од 18,4 поени и 7,4 скока по натпревар. Номиниран е и неговиот клупски колега, бекот Костас Слукас, кој и на 33 години има одлична сезона.
Меѓу седумте кандидати е и освојувачот од пред една сезона, српскиот плејмејкер на Анадолу Ефес, Василије Мициќ, а медиумите од нашиот северен сосед ја истакнаа и номинацијата на францускиот центар на Партизан, Матијас Лесор, кој има 12,8 поени и 7,2 скока по натпревар и е голем фактор под обрачите на црно-белите.
Останатите кандидати се Џонатан Мотли од Фенербахче, Валтер Таварес од Реал Мадрид и Мајк Џејмс од Монако.