Незапирливиот Наполи ита кон шампионската титула на Италија. Oствари нова победа на гости кај Сасуоло, кој рутински беше совладан со 2:0…
Наполи има огромни и по малку нереални 18 бода предност пред второпласираниот во италијанскиот шампионат. Наполитанците имаат натпревар повеќе, но и второпласираниот Интер да освои три бода против Удинезе, разликата ќе биде дури 15 бода, пет големи победи.
На гостувањето кај потенцијално опасниот Сасуоло, Наполи победи со 2:0 и со тоа ја продолжи големата победничка серија. Гостите решија се многу брзо, практично за половина час, а се останато беше рутинска работа.
Во јубилејната 20-та победа сезонава, Наполи можеше да постигне и трет гол за да биде уште поубедлив, но голот на Џовани Симеоне во судиското надополнување беше поништен поради офсајд.
Наполи во водство во 12. минута го доведе одличниот Кваракелија кој влета во шеснаесетникот, пред себе го имаше Ерлиќ кој се обиде да го блокира, но Грузиецот со одличен удар ја упати топката низ нозете на Ерлиќ и ја погоди мрежата.
Во 33. минута Наполи постигнува втор гол. Виктор Осимхен ја прими топката во шеснаесетникот, до него беше Ерлиќ кој го затвори, но Осимхен неверојатно прецизно од мртов агол погоди на прва статива за да ја зголеми предноста.
Во продолжението од натпреварот резултатот можеше да се промени на двете страни, но остана 2:0 со поништен претходно споменатиот трет гол на гостите.
Елиф Елмас беше стартер за Наполи и одигра добар натпревар до 84 минута кога беше заменет со Зербин .