Фудбалерот на Хатајспор беше пријавен за исчезнат веднаш по земјотресот, но дури денеска неговиот агент потврди дека пронајдено е неговото безживотно тело, под урнатините.
„Со тешко срце морам да соопштам на сите добромисленици дека, за жал, утрово беше пронајдено телото на Кристијан Атсу. Најдлабоко сочувство за неговото семејство и за саканите. Благодарам на сите за поддршката“, изјавил агентот Нана Сечере.
Неколку часа по заемјотресот имаше информација дека Атсу е жив. Всушност, Сечере добил таква вест, дека бил пријавен во некоја болница, но таа била неточна и веднаш демантирана.
Атсу имаше 31 година и настапуваше за Хатајспор. Неколку часа пред катастрофалниот земјотрес, постигна победнички гол за својата екипа во последната минута од дуелот со Касимпаша. Истата ноќ требало да си замине од Газијантеп, но го одложил планот и ја откажал авионската карта за Франција, каде што го очекувало неговото семејство.
Од 2013 до 2017 година беше член на Челзи, но не одигра ниту еден меч за првиот тим и сите сезони ги мина како позајмен играч во Витесе, Евертон, Борнмут, Малага и последно во Њукасл, во 2016/17. По завршувањето на заемот, „страчките“ го откупија, па остана на „Сент Џејмс парк“ до 2021 година и одигра вкупно 108 меча за клубот.