Борусија Дортмунд не ја оправда фаворитската улога и во 15. коло од германската Бундеслига ремизира на гостувањето кај Аугсбург 1-1. „Милионерите“ имаа иницијатива со многу шанси и веројатно ја заслужија победата, но домаќините не мислеа така и го запреа големиот фаворит.
Двата гола беа постигнати во првите 45 минути, а најпрво поведе домашниот тим во 23. минута преку Демировиќ кој беше поснаодлив во дуелот со дефанзивецот на Борусија и после ВАР снимката судијата покажа на центар. Дортмунд тргна во посилен ритам по примениот погодок и успеа да израмни на 1-1 во 35. минута преку Даниел Мален, а истиот резултат остана и на паузата.
Во второто полувреме милионерите од Дортмунд имаа многу повеќе од играта, но и Аугсбург покажа „заби“ и вкупно петпати се закани по противничкиот гол. Имаше уште по неколку шанси на двете страни и чудо е како натпреварот на крајот заврши нерешено 1-1. Борусија Дортмунд останува на петтата позиција со 26 бода, додека Аугсбург е на 10. место со вкупно 18 бодови.
На останатите натпревари, Бохум славеше убедлива победа над Унион Берлин со 3-0 и ја продолжи „агонијата“ на тимот од главниот град, Мајнц беше изненаден и на домашен терен загуби од Хајденхајм со минимални 0-1, а Волсфбург со истиот резултат славеше на гостувањето кај Дармштадт.