Англискиот великан Манчестер јунајтед по шест години, од мај 2017 година, стигна до својот 68 трофеј во историјата, шести во Лига-купот на Англија по триумфот на „Вембли“ во финалето против Њукасл со 2-0.
Последен пат „црвените ѓаволи“ се радуваа на пехар во ерата на Жозе Мурињо, кој го освои овој Лига-куп, па во мај 2017 година и Лига Европа, пред да гостува во Скопје во Суперкупот на Европа, за прв трофеј во првото финале за Ерик Тен Хаг откако летоска седна на клупата.
Касемиро и Маркус Рашфорд во период од шест минути после половина час ги постигнаа двата гола и го трасираа патот кон победата, па Њукасл не успеа да дојде до погодок за многу повозбудлива завршница, иако до последна минута црно-белите не се предадоа.
Освојувањето на овој трофеј е дополнителна мотивација за тимот кој веќе е во осминафинале во Лига Европа после елиминацијата во мегаспектаклот со Барселона во четвртокот, а ги чека завршницата од ФА-Купот, но и битката во Премиерлигата во која не се така далеку од врвот.
Јунајтед со овој трофеј и бројката од 68 пехари во историјата сега е на само еден од својот најголем ривал Ливерпул кој е прв по вкупен број на трофеи.