Ливерпул го понижи Манчестер Јунајтед во најголемото англиско дерби. „Црвените ѓаволи“ го доживеаја најтешкиот пораз во дербијата! Ливерпул го прегази со 7-0 во дуелот на двата најтрофејни клубови во Англија, со најголема победа во историјата на меѓусебните пресметки на „црвените“ со својот најголем ривал.
Напаѓачката тројка на Ливерпул, Салах, Нуњез и Гакпо постигнаа по два гола, а Роберто Фирмино стави печат со последниот седми гол, и го понижија Јунајтед на „Енфилд роуд“ и до врв ја наполнија мрежата на Де Хеа. Ливерпул сега се врати во трката за пласман во ЛШ, па со меч помалку од четвртиот Тотенхем сега дојде на само три бода од лондонскиот премиерлигашки ривал.
Ова е најголемата победа на Ливерпул во повеќе од еден век долгото ривалство со Јунајтед, надминувајќи го досегашниот рекорден триумф со 7-1 од 12 октомври 1895 година.
Јунајтед комплетно се распадна во вториот дел откако за три минути во првите пет Ливерпул даде два гола преку Дарвин и вторпат Гакпо, кој две минути пред полувремето донесе предност. А, потоа сѐ беше во еден правец и Ливерпул ја искористи секоја грешка за триумф. Салах во 66-та го даде својот прв гол, Нуњез дојде до вториот во 75-та, па Салах погоди шести пат во 83-та за свој втор гол и најдобар стрелец на Ливерпул откако постои Премиерлигата од 1990 година. Печат стави Фирмино две минути пред крајот.
Јунајтед после овој пораз остана трет на 49 бода, девет зад вториот Манчестер сити, а 14 зад Арсенал, но со меч помалку од двата водечки тимови.