Нигериецот Виктор Осимен кој сезонава за Наполи има постигнато 19 гола во Серија А испорача многу пофални зборови за македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас, откако центарфорот на наполитанците ја доби наградата за најдобар странски фудбалер во изборот на странските медиуми.
Осимен пред новинарите при добивањето на наградата изјави дека Елмас покажал дека е голем човек, зашто на иницијатива на македонскиот репрезентативец, фудбалерите на Наполи ги ставија дресовите на аукција за да се соберат пари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди југоисточна Турција пред еден месец.
„Елмас е многу добро момче, голем човек. И тоа што го направи е – извонредно. Само влезе во соблекувалната и разговаравме за ситуацијата во Турција, а тој се понуди да помогне. Елиф играше во Турција и сите ние веднаш ја прифативме идејата, веднаш дадовме поддршка. Навистина направи добра работа. Би сакал и сега да им изразам сочувство на сите кои ги загубија најблиските во катастрофата, моите мисли се со нив“, рече Осимен.