Ѓоковиќ го загуби првото место на АТП-листата од Карлос Алкараз, по неговиот ноќешен триумф во финалето на мастерс-турнирот во Индијан Велс против Данил Медведев (6-3, 6-2).
Шпанецот го збриша Медведев полесно од очекувањата и дојде до третата титула во оваа турнирска серија што е веднаш зад гренслемовите и тоа со максимален учинок во финалните дуели. Русинот одигра далеку под очекувањата и го претрпе првиот пораз по низата од 20 победи по ред и трите турнири освоени во низа (Ротердам, Доха и Дубаи).
Алкараз сега има повеќе поени од Ѓоковиќ, но пред него е нов голем предизвик, турнирот во Мајами каде што ја брани титулата, додека Србинот не настапи ниту лани. Тоа значи дека шпанското „чудо од дете“ мора да триумфира и на овој мастерс, ако сака да остане предводник на АТП-листата. Негово испаѓање без трофеј ќе значи враќање на популарниот Ноле таму каде што, според милиони во светот, му е и местото – на врвот.