Стратегот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, по синоќешниот пораз на неговиот тим на гостувањето кај Барселона (1-2) изрази сомнеж во веродостојноста на ВАР-системот, кој на „кралевите“ им поништи гол во 87. минута со кој тие ќе беа речиси на чекор до победа, а со тоа и враќање во игра во борбата за шпанската титула.

Ваквиот вокабулар на ветеранот го изненади неговиот колега Чави, кој смета дека победата на Каталонците е чиста како солза.

„Офсајдот е јасен и покажан преку компјутерската наука. Ме шокира изјавата на Анчелоти, изненаден од неговите зборови. Или е офсајд или не е, тука нема простор за дилеми и дебати. ВАР е тука за да спречува неправди и затоа ми се допаѓа како алатка за фудбалот“, изјави Чави.

Тој смета дека предноста од 12 бода се уште не значи титула во Ла Лига.

„Ова не е крај, не станавме шампиони вечерва. Останува уште многу, но остануваме горди на тоа што го направивме. Бевме супериорни во однос на Реал, доминиравме и создадовме подобри шанси. Заслуживме да победиме и тимот е емотивно и физички истрошен“, дополни Чави.