Реал Мадрид стигна од рајот до пеколот во само четири минути и тоа поради – милиметри. Фудбалерите на Реал долго ќе ја паметат 87. минута од вчерашниот дуел против Барселона (1-2) во кој речиси се опростија од шансите за одбрана на титулата во Ла Лига, откако во тој момент мислеа дека тие имаат водство 2-1 и дека се на чекор до триумф и намалување на реални минус шест бода во трката по трофејот.
Марко Асенсио одлично се снајде на десетина метри од голот на Тер Штеген и ја смести топката во неговиот гол за ерупција од одушевување на соиграчите, а очај кај противниците. Но, судијата неколку минути не даваше знак играта да продолжи што беше доказ дека нешто не е во ред. На крајот, тој го поништи погодокот поради офсајд. Фотографиите од оваа ситуација покажуваа дека станува збор за милиметри, колку што беше разликата од Асенсио до послендиот човек од одбраната на Барса.
Патот од рајот до пеколот за „кралевите“ траеше само четири минути, колку што им требаа на Каталонците да го постигнат вториот победоносен гол на Франк Кеси, да триумфираат и да дојдат до плус 12 на табелата, со кои речиси можат и да почнат да ја прославуваат титулата на 12 кола до крајот.