Барселона во најголемото фудбалско дерби на светот Ел Класико славеше со 2:1 над Реал Мадрид, и тоа благодарение на голот на Френк Кеси во судиското продолжение, но медиумите во Шпанија го сметаат тренерот Чави Ернандес за вистински херој.
Чави, кој во најтешките моменти ја презеде клупата на Барселона, во 2021 година, три месеци по заминување на Лионел Меси, успеа да оствари голем напредок, а доказ за тоа се резултатите во Ел Класико.
Чави иако загуби на првото Ел Класико како тренер, победи на пет од седумте натпревари против Реал Мадрид и моментно се наоѓа во серија од три триумфи по ред.
Првиот натпревар за Чави како тренер на Ел Класико беше во шпанскиот Суперкуп минатата година, кога Барселона загуби со 3:2. Потоа Барселона славеше со 4:0 во Мадрид, но тука шампионот во Ла Лига веќе беше познат, тоа беа Кралевите.
За време на подготовките пред стартот на сезоната, Барселона во САД славеше со 1:0. Во првиот дел од Ла Лига, Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ победи со 3:1, но потоа Чави и неговите фудбалери влегоа во победнички ритам. Барселона славеше на последните три натпревари, победи во Суперкупот (3:1), во првиот полуфинален дуел од Кралскиот куп (1:0) и вчера во Ла Лига.
Со пет победи и два порази во седум средби на „Ел Класико“, Чави покажа зошто Жоан Лапорта му веруваше пред година и пол. Барселона под палката на Чави го освои Суперкупот, титулата во Ла Лига ѝ се насмевнува, а за финалето на Купот на кралот Барса не смее да загуби од Реал на 5 април.