Реал Мадрид ја започна „студената војна“ пред утрешното реванш полуфинале од Купот на Кралот против Барселона. „Кралскиот клуб“ објави видео во кое објаснува дека делегираните судии неколку пати го имаат оштетено.
На својата телевизија, Реал Мадрид објави видео од големите грешки кои во текот на изминатите години на нивна штета ги има правено судијата Хуан Мартинез Мунуера кој ќе биде главен делител на правдата, како и Хозе Луис Гонзалез кој ќе биде задолжен за ВАР.
„Мартинез Мунуера ќе ни суди на Ел Класико во Барселона, Гонзалез ќе биде ВАР судија… Каква коинциденција! Правдата ќе ни ја дели тандем од кои мадридистите имаат најлоши спомени“, потсетува Реал Мадрид преку клупската телевизија.
„Тоа е судиски тандем кој ги водел натпреварите на кои Реал Мадрид е оштетен најмногу во новата историја, а тоа е мечот Реал – Севиља во сезоната 2020/2021, кога нивните грешки ни ја земаа титулата во Ла Лига. Мартинез Мунуера и Гонзалез тогаш направија дури шест клучни грешки на штета на Реал“.