Столе Димитриевски, кој веќе пет години брани за Рајо Валјекано откри за „ТелеМадрид“ дека има посебен сон кога станува збор за крајот на кариерата – со Македонија да настапи на Мундијалот 2030 во Шпанија и Португалија, ако Пиринејците ја добијат организацијата.
Допрва треба ФИФА да решава од три кандидатури за Мундијалот во 2030 година, но Димитриевски уште сега сонува за начинот на кој сака да се прости од фудбалската кариера. Македонската „единица“ против Малта минатиот месец дојде до 60-от настап за Македонија и се израмни со легендарниот Петар Милошевски, кој трагично загина во сообраќајна несреќа на 13 март 2014 година.
„Мојот сон е да ја завршам кариерата во македонскиот дрес со настап на Светското првенство во 2030 година, во Шпанија и Португалија. Тогаш ќе имам 36 години“, вели Димитриевски.
Пред повеќе од една година Димитриевски се поврзуваше со Барселона, но не се реализира трансферот, потоа имаше опција за Саудиска Арабија која пропадна, па сега македонскиот чувар на мрежата вели дека нема проблем да остане на „Валјекас“, домот на Рајо до крај на кариера.
„’Валјекас’ е посебен стадион, навивачите се посебни и многу сум горд што играм тука. Имам договор со Рајо уште една година и нема проблем да останам. Ако потпишам нов договор, можеби и кариерата тука да ја завршам. Дури и би бил тренер тука во ‘Валјекас“, зашто немам проблем животот да го посветам тука, зашто ‘Валјекас“ ми даде многу“, додава Димитриевски.