Барселона има голема желба да го врати Лео Меси во Каталонија, две години откако го загуби поради финансиската криза, но има нови маки па сега Лапорта ги моли сите фудбалери да прифатат помали плати за идната сезона.
Според информациите на „Релево“, Лапорта ги моли играчите од првиот тим за помали плати, но не за да се отвори буџет за доаѓање на Меси, туку поради преселбата од „Камп Ноу“ на олимпискиот „Монтжуик“, зашто летово почнува градежната офанзива за модернизација на својот дом вредна 1,5 милијарди евра.
Среде најтешка криза со долг од преку една милијарда евра, Барса влегува во џиновски проект, а над неа е надвиснат товарот да го намали буџетот со наредба од Ла Лига, ама и случајот „Негреира“ поради кој се соочува со одземање на бодови, но и исфрлање од Европа.
И во целокупниот хаос, Лапорта бара од фудбалерите помали плати за да се заштедат 70-на милиони евра, од проста причина што преселбата од „Камп Ноу“ ќе им ги намали приходите за идната сезона за цели 100 милиони евра. Стадионот на Барса е најголем во Европа, а олимпискиот каде ќе продолжат да играат не е ни 50.000 гледачи и поради тоа сериозна загуба ќе имаат Каталонците од продажбата на билети и мерчендајзингот, зашто на трибини ќе има за 50 отсто помалку гледачи.
Барса веќе најави преговори со Ла Лига за начинот на кој планираат да го донесат Меси.