Екипата на Денвер Нагетс е на чекор до пласман во втората рунда од годинешниот плејоф во НБА, откако ноќеска ја остварија и третата победа по ред во пресметките со Минесота тимбервулфс (120-111), прва на теренот на противникот.

Најзаслужен за тоа беше Никола Јокиќ, кој средбата ја заврши со 20 поени, 11 скока и 12 асистенции, што беше негов седми трипл-дабл во плејоф-кариерата. Со тоа, српскиот интернационалец дојде до десеттото место на вечната листа со вакви ефекти во доигрувањето, а на второто во конкуренција на центри, зад Вилт Чембрлен кој има девет вакви меча. Најдобар во оваа категорија е Меџик Џонсон со 30 трипл-дабл натпревари, додека два помалку има Леброн Џејмс. Колку е голем учинокот на Јокиќ зборува и фактот што само осум екипи во НБА имаат остварено повеќе од седум трипл-дабли од страна на нивни кошаркари во плејофот. Најефикасен кај гостите беше Мајкл Портер со 25 поени (4/8 за три), додека Џамал Мареј додаде 18 поени. Кај „волците“ се истакна Ентони Едвардс со 36 поени (10/22 од поле, 3/11 за три) со седум скока и пет асистенции.

 

Њујорк никс лесно и убедливо го совлада Кливленд кавалирс (99-79) и поведе со 2-1 во серијата. Брансон со 21 поен беше најефикасен во победничкиот тим, Барет даде 19 поени. Во составот на Кливленд, Мичел постигна 22 поени.

 

Атланта хокс, пак, предводена од Тре Јанг со 32 поени и девет асистенции дојде до првата победа во серијата со Бостон селтикс (130-122) и намали на 1-2 во серијата. Во тимот на Бостон најдобар беше Тејтум со 29 поени и 10 скокови.

 

РЕЗУЛТАТИ: Атланта – Бостон 130-122 (1-2), Њујорк – Кливленд 99-79 (2-1), Минесота – Денвер 111-120 (0-3).