Францускиот репрезентативец Кристофер Нкунку го задржа РБ Лајпциг на позиција за ЛШ, а Унион Берлин киксираше на домашен терен со реми без голови против Баер Леверкузен, по што Фрајбург со минималецот во Келн (1-0) остана на два бода во трката за местата во европската елита по денешното 30-то коло во Бундеслигата.
Нкунку беше стрелец во 28-та минута на асистенција на Емил Форсберг со што го реши Хофенхајм, а со тоа „биковите“ го продолжија чекорот кон нов настап во мултимилионската елита. Киксот на Унион Берлин со ремито против „фармацевтите“, сега ги израмни берлинците со Лајпциг со по 56 бода, а на само два од нив е Фрајбург.
Ритсу Доан даде гол во 54-та минута за Фрајбург за победа над Келн и го задржи чекорот со ривалите за ЛШ, зашто една победа може сѐ да реши во оваа трка во последните четири кола.
Многу важна победа за опстанок оствари Штутгарт кој со 2-1 славеше против Борусија Менхенгладбах, па сега излезе од зоната за испаѓање, но спасот е сѐ уште далечен, зашто имаат ист број на бодови со подобра гол-разлика од Бохум, кој вчера ја сопна Борусија Дортмунд со ремито 1-1 во трката за титула на „милионерите“.
Гирасу во 22-та и Кулибали од пенал седум минути пред крајот дадоа голови за победата против Менхенгладбах, кој во мечот со гол на Вајгл од пенал се врати во 77-та минута, но четири минути потоа Итакура беше исклучен, па тоа им помогна на „швабите“ да победат.
Ајнтрахт Франкфурт и Аугсбург одиграа реми 1-1 во последниот меч од денешната попладневна програма.