Сѐ уште се свежи драматичните 60-на секунди откако мечот на „Бернабеу“ влезе во судиското надополнување, а Манчестер сити беше на милиметри до пласман во финалето кога Родриго даде два гола за „кралскиот клуб“ од загубена позиција да се избори за продолженија. А, потоа Карим Бензема од пенал на стартот на продолженијата (95-та минута) да стави печат на вкупната победа со 6-5 за финале во кое на крајот мадриѓаните против Ливерпул по 14-ти пат ја освоија европската круна.

Гвардиола сега ја има својата најмоќна машина Ерлинг Браут Халанд, кој веќе надмина 50 гола сезонава и едноставно норвешкото „чудо од дете“ е незадржлив, но шпанскиот стратег колку и да има надмоќен тим, повеќе од деценија го следи проклетство, зашто од 2011 година кога вторпат со Барселона стана европски првак, ниту еднаш потоа не ги дофати „големите уши“, а само еднаш успеа да стигне до финале во 2011 година кога ја загуби завршната битка со Челси.

„Јас не доаѓам по одмазда, ова е нова шанса за нас. Еден ден Сити ќе биде европски првак, а сега доаѓаме за да го оствариме тоа. Лани не успеавме зашто игравме против Реал. Минатата сезона беше ‘крајот на светот’, ама еве нѐ пак во полуфинале. За мене најважно е да си стабилен и постојано конкурентен и да тежнееме да сме подобри од годината претходно. И лани се подготвувавме, па… Истиот менаџер е, воглавно истиот тим, само различни се мечевите, сега реваншот е кај нас“, вели Гвардиола.

Ако некој знае да победува и има непроценливо искуство тоа е Реал Мадрид, посебно со двоецот во средина Лука Модриќ и Тони Крос, со Карим Бензема во нападот и посебно младите сили. Винисиус, па Родриго, кој постигна два гола за куп-трофеј во саботата, Валверде. Но најмногу со неверојатниот стратег Анчелоти, кој постојано има „адут во ракавот“ да го сврти мечот во своја корист. Реал не е сезонава најубедлив, ама игра најдобро кога е најпотребно и колку и да е моќен Сити, „кралот“ никогаш не се отпишува, а во тоа се увери и самиот Гвардиола.

„Сити делува незапирливо, но ние ќе имаме свои шанси и можеме да се носиме. Не размислуваме дека треба да запреме еден играч, зашто Сити е тим. Желба е да имаме позитивен резултат за реваншот, не сакаме да патиме, туку да одиграме најдобро и најважното е да избегнеме да се ставаме во проблеми. Нѐ чека многу тежок меч“, вели Анчелоти.

Второто полуфинале утре е миланската пресметка Интер – Милан, но за многумина победникот од вечерашниот меч ќе биде фаворит и за европскиот трој, иако Италијанците не треба никој предвреме да ги отпише, без разлика што квалитативно се ниво под вечерашните два супергиганти.

МОЖНИ СОСТАВИ

РЕАЛ МАДРИД – МАНЧЕСТЕР СИТИ

Стадион „Сантјаго Бернабеу“, 21 часот, судија Артур Дијаз (Португалија)

РЕАЛ МАДРИД (4-2-1-3): Куртоа – Карвахал, Ридигер, Алаба, Камавинга – Модриќ, Крос – Валверде – Родриго, Бензема, Винисиус

МАНЧЕСТЕР СИТИ (4-3-3): Едерсон – Вокер, Стоунс, Рубен Дијас, Аканџи – Де Брајне, Родри, Гундоган – Бернардо Силва, Халанд, Грилиш