Фудбалерите на Валенсија со 1:0 го победија Реал Мадрид во натпревар на кој домаќините освоија многу важни бодови за опстанок во Примера дивисион. По 35 кола, Валенсија има 40 бодови и сега скокна на 13 место на табелата, со пет повеќе од Валјадолид кој е во зоната за испаѓање.

Дуелот на „Местаља“ го одбележа хаосот кој започна во 74 минута, а траеше до крајот, односно до 107 минута. Домашните навивачи со расистички навреди го нападнаа Винисиус Јуниор. Бразилецот е познат по провокациите кои ги упатува на противничките фудбалери и навивачи, но секако дека недозволиво е некој да биде навредуван, посебно не на расна основа.

По една акција во која Винисиус можеше сериозно да нападне, на теренот беше внесена втора топка, по која акцијата на Бразилецот беше прекината. Револтираниот Винисиус не сакаше да го продолжи натпреварот, па имаше 10-тина минути прекин.

 

Дуелот сепак продолжи и беше мирно се до судиското продолжување. По една одбрана на домашниот голман, повторно се случи хаос во кој повторно Винисиус беше во главна улога кај гостите.

ВАР системот покажа дека Винисиус со лакт удри еден од домашните фудбалери и поради тоа Бразилецот доби црвен картон.

И тогаш збесна Бразилецот кој покажуваше дека Валенсија ќе испадне во втора лига, а малку фалеше да има нов поголем инцидент.

На крајот тоа не се случи и Валенсија победи во меч кој траеше 107 минути.

Валенсија на три кола до крајот има 40 бодови, пет повеќе од екипите што се први под линијата за испаѓање, што им дава надеж дека ќе го сочуваат прволигашкиот статус, нешто што пред само два-три месеци делуваше тешко изводливо.