Јапонецот Такефуша Кубо со голот во четвртата минута од судиското надополнување во првиот дел на Сосиедад му ја донесе победата за да го продолжи маршот кон пласманот во европската елита, но работата на Баскијците им ја олесни Луис Суарез кој во 36-та минута доби директен црвен картон за преостар старт и ја остави Алмерија на цедило со десетмина во Сан Себастијан.
За Сосиедад ова беше 20-та победа сезонава и сега има 68 бода од 36 меча, осум повеќе од главниот ривал за местото во ЛШ, Вилјареал, кој утре го игра својот меч со Кадиз и на кој „жолтата подморница“ не смее да киксне зашто ќе го верификува пласманот на Баскијците во елитното друштво. Ако победи Вилјареал, на Сосиедад ќе му треба еден триумф во последните две кола за да го завери пласманот.
Алмерија со поразот остана на 39 бода, четири над опасната зона од Валјадолид кој вечерва игра со Барселона, а пет од Еспањол кој утре има пресметка со Атлетико Мадрид.
Во вториот денешен меч од ова 36-то коло во Ла Лига, Селта и Жирона ремизираа 1-1. Карлос Перез три минути пред полувремето ја донесе Селта во водство, а Кристијан Стуани од пенал по еден час игра израмни. Селта со бодот се израмни со Алмерија, со по 39 бода, додека Жирона дојде до 49 на осмото место, еден помалку од седмиот Атлетик Билбао.