Фудбалерите на Манчестер Сити освоија двојна круна во Англија, откако во финалето на ФА купот на „Вембли“ го совладаа Манчестер Јунајтед со 2-1. Двоен стрелец за тимот на Пеп Гвардиола беше Илкај Гундоган.
Тој погоди на самиот старт, по само 13 секунди од почетокот, совладувајќи го Де Хеа со удар од далечина.
Манчестер Јунајтед израмни од пенал во 33.минута преку Бруно Фернандеш. По прегледување на ВАР снимката беше утврдено дека Џек Грилиш играше со рака во шеснаесетникот.
Но, Илкај Гундоган не дозволи долго време да остане нерешениот резултатот. Германецот постигна втор гол со удар од далечина во 51.минута.
Јунајтед притисна во завршницата, шанса за израмнување имаа Скот Мектоминеј и Рафаел Варан, но одбраната на Сити ја расчисти опасноста.
Манчестер Сити на 10 јуни ќе се обиде да стигне и до тројна круна оваа сезона, со оглед дека игра и во финалето на Лигата на шампионите против Интер во Истанбул.