Конзорциумот Паблик Инвестмент Фунд кој е државна сопственост на Саудиска Арабија и лани го купи англискиот премиерлигаш Њукасл од денес е газда на четирите најголеми клубови во Саудиска Арабија – Ал Наср, Ал Итихад, Ал Хилал и Ал Ахли.
ПИФ е државен фонд кој доби 20 милијарди долари од С. Арабија за развој на фудбалската лига, па не е изненадување тоа што Кристијано Роналдо дојде за 200 милиони евра годишно во Ал Наср, Карим Бензема од денес е член на Ал Итихад, а многу други ѕвезди саудиските клубови ги бркаат за да ја направат домашната лига спектакуларна.
Како што објави ПИФ, четирите клубови се трансформирани во компании кои сега се во негова сопственост, па допрва ќе следува борбата за ангажман на уште низа други ѕвезди. Веќе се појави еден список на желби на кој се Серхио Рамос, Серхио Бускетс, Жорди Алба, Анхел Ди Марија, Роберт Левандовски, Лука Модриќ…
Интересно во оваа четворка е Ал Ахли, клубот на македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски, а последните најави се дека популарниот Џани се враќа во саудискиот клуб каде играше лани, а сезонава мина на заем во Фенербахче. Ал Ахли се врати во елитното друштво, па нема да биде изненадување некоја голема ѕвезда сега да пристапи.
Стратегијата на С. Арабија е сите ѕвезди да играат во различни клубови за да се зголеми конкуренцијата и лигата да стане поинтересна.
Во С. Арабија играат уште двајца македонски репрезентативци, Александар Трајковски во Ал Фејха и Дарко Велковски во Ал Етифак.
Зад ПИФ стои принцот-престолонаследник Мохамед Бин Салман, а оваа стратегија на С. Арабија е со единствена крајна цел – организација на Светското првенство во 2030 или најдоцна во 2034 година.