Бугарскиот гигант Лудогорец кој е редовен учесник во групните фази во фудбалска Европа доживеа невиден срам на Косово, откако Балкани ги совлада „орлите“ од Разград со 2-0 и  најави можна елиминација уште на стартот на квалификациите во ЛШ.

Косовскиот тим кој лани првпат избори групи во Конференциската лига и тоа со елиминација на екс-македонскиот првак Шкупи во плејофот, приредија вистинска сензација, зашто против бугарскиот шампион беа тотални аутсајдери.

Меритон Кореница со гол на крајот од првиот дел и со асистенција за Кендрим Зиба после десет минути во вториот дел, беше херојот на Балкани за големата победа со која косовскиот првак направи голем чекор кон второто коло, а со тоа најмалку сигурен плејоф за повторување на ланскиот успех и настап одново во Конференциската лига.

 Изненади и исландски Брејдаблик кој во Ирска го победи Шамрок со 1-0, иако Исланѓаните во оваа летна авантура тргнаа од предквалификациите, а босански Зрињски направи голем чекор кон втората рунда откако славеше на гости во Ерменија кај Уарту со 1-0.

Во следна фаза веќе сигурно оди Макаби Хаифа, кој со 4-0 го збриша Хамрун на Малта, но мечот имаше и прекин поради тежок инцидент, откако израелскиоте навивачи жестоко одговорија на провокациите од домашните гледачи, кои им викаа „Палестина, Палестина“.

Неочекувано Ференцварош одигра реми без голови на гости на Фарските Острови кај Ки Класквик, додека Карабах со пресврт славеше на Гибралтар кај Линколн со 2-1, а со ист резултат Олимпија во Љубљана ја победи летонска Валмиера.

РЕЗУЛТАТИ, ПРВО КОЛО

Уарту – Зрињски 0-1

Линколн – Карабах 1-2

Жалгирис – Струга ТЛ 0-0

Хамрун – Макаби Хаифа 0-4

Олимпија Љубљана – Валмиера 2-1

Раков – Флора Талин 1-0

Ки Класквик – Ференцварош 0-0

Партизани – БАТЕ Борисов 1-1

Шамрок роверс – Брејдаблик 0-1

Балкани – Лудогорец 2-0