Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години се пласира во нокаут-фазата на ЕП, дивизија Б, во Скопје, откако дојде до третата победа во четвртиот меч, овој пат лесно и убедливо против Ирска (77-66).
Жолто-црвените првата рунда ја завршија како првопласирани во групата А со скор 3-1, идентичен како Бугарија и Чешка, со кои имаме идентични 1-1 во меѓусебните средби, но и убедливо најдобар кош-количник. Отпорот на островјаните траеше само една четвртина, по што работите дојдоа на свое место со фантастичните 27-9 на нашите момци во вторите десет минути.
Теодор Симиќ со 17 поени и осум скока одново беше најпрецизен кај Македонија, додека веднаш зад него беа Амар Хот со 15 поени и 13 скока и Филип Наков со 10 поени.
Прв противник на патот кон елитата ќе ни биде Велика Британија, против која играме во четвртфиналниот дуел закажан за в петок во салата СРЦ „Кале“ (18.30 часот). Пласман во дивизијата А ќе обезбедат трите најдобри селекции на ова второлигашко првенство.