Кошаркарите на Канада ја демолираа селекцијата на Франција на отворањето на Мундибаскетот. Попладнево во Џакарта Индонезија и без својот најдобар кошаркар Џамал Мареј, славеа со 95-65 разлика, после брутално второ полувреме во кое „триколорите“ за 20 минути дадоа едвај 25 поени
Канаѓаните се една од селекциите кои имаат потенцијал и за највисок пласман, па и за светска титула, а Франција, екс-европски првак и бронзена од ЛОИ во Токио, денеска брутално беше разнесена во вториот дел, особено во третата четвртина во која Французите ништо не погодија, едвај дадоа осум поени, примија 25 и се најдоа во убедлива негатива после која немаше враќање.
Иако подобро го отворија дуелот, па неколкупати имаа и плус седум, Франција имаше ужасни 21 отсто за тројка со шест погодени од 28 шута, а Канада сѐ искористи предводена од Шај Гилџус-Александер со 27 поени и 13 скока и Кели Олиник со 18 поени, па после предноста на полувреме од само три поени (43-40), во вториот дел ги прегазија „галските петли“.
Покрај најдобрите двајца, кај Канада се истакнаа и Дилон Брукс и Никеил Александер-Вокер со по 12 поени, додека кај Франција на ниво беше само Еван Фурние со 21 поен, но и со лоша реализација 3 од 13 за три поени. Само уште Нандо Де Коло и Матијас Лесор дадоа по 12 поени.
Канада во завршницата успеа да дојде и до плуд 30 за преубедлив триумф и потврда дека имаат извонреден тим кој може многу далеку да стигне на ова Светско првенство.