По деби триумфот на челинџер турнеата, Калин Ивановски врза и втора победа, на турнирот во Јаши, Романија и повторно против домашен тенисер, овој пат за пласман во четвртфиналето.
Беше подобар од 21-годишниот Филип Кристијан Џиану (312. на АТП-листата), со 3-6, 6-4, 6-3 за два часа и 10 минути игра. Откако првиот сет го доби противникот, а Ивановски не дојде ни до брејк можност, во вториот и во третиот го наметна својот ритам на игра, искористи четири од шесте укажани шанси за освојување на противничкиот сервис и триумфира за пласман во четвртфиналето.
Негов следен ривал ќе биде Стивен Диез, 32-годишен тенисер од Канада, кој досега не загуби сет во првите две кола во Јаши. Во моментов е на 278. место на АТП-листата, а во ноември 2019 бил и 134. на светот.
Ова е убедливо најсериозниот турнир во сениорска конкуренција, на кој Калин Ивановски забележал победа. Има награден фонд од 118.000 евра, а пласманот во четвртфиналето веќе гарантира „чек“ од 3.240 евра, како и 20 АТП-поени, со кои 19-годишниот скопјанец ќе напаѓа влез во првите 350 на светот (во моментов е 370.).