Македонската ракометна репрезентација и на вториот пријателски натпревар во Каиро е совладана од Египет, овој пат со 31-26. Двата пријателски меча беа во рамките на ЕХФ-неделата, која е вовед на подготовките за настап на Европското првенство 2022 година.

Избраниците на Кирил Лазаров имаа контрола на резултатот до пред крајот на првото полувреме, кога домашниот состав со серија од 5-0 поведоа со 16-13 на одморот. Македонија претходно со серија од 3-0 поведе со највисоки (7-9) во 17. минута.

Исто како и вчера, слабиот старт на второто полувреме го даде текот на натпреварот. Ракометарите брзо загубија ритам, на другата страна Египет ја казнуваше секоја грешка, лесно го наоѓаше патот до нашиот гол. Негативата по десет минути игра во овој дел беше 21-16. И во една ваква ситуација, ракометарите успеаја да намалат на 26-23, но немаа сили за повеќе.

По овие две средби Лазаров и неговиот стручен штаб ќе имаат доволно време да анализираат и веќе на следниот собир да се поправат сите слабости. Македонија во јануари ќе игра на ЕП 2022, но тогаш ќе настапи во поинаков состав, ќе биде Лазаров и Стојанче Стоилов, кој поради ситна повреда мораше да остане во Скопје.

Противници ќе ни бидат селекциите на Словенија, Црна Гора и Данска.