Во финалето, синоќа во Лос Анџелес, Мексиканците многу тешко ја материјализираа фаворитската улога против Панама, славејќи само со 1-0.
Мексико имаше иницијатива и шанси, напаѓаа уште од првиот дел, кога првпат се затресе мрежата на Панама, меѓутоа голот на Хенри Мартин беше поништен со ВАР, поради офсајд.
Гол за победа стигна дури во 88. минута, од напаѓачот на Фејенорд, Сантјаго Томас Хименес. Тој влезе во игра во 85. минута и веднаш ја оправда довербата на селекторот Хаиме Лозано, реализирајќи контра.
Ова е деветти пехар за Мексико во „Голд куп“, со што се зацврсти на првото место на листата освојувачи, пред САД со седум. Американците беа актуелни бранители на трофејот, па дури и домаќини на овој турнир, но беа елиминирани во полуфиналето од Панама.