Македонските претставници на тениската фјучерс-турнеја немаа многу успех, па од четири дуели остварија само една победа.
Лина Ѓорческа победи во двојки, во второто коло од турнирот во Хехинген. Како трети носителки, Ѓорческа и Русинката Фомина славеа над руско-чешкиот тандем Золотарева/Бајерлова и тоа релативно лесно, со 6-2, 6-3. Така се пласираа во полуфиналето, каде што ќе имаат или чешки или германски противнички.
За разлика од двојки, Ѓорческа загуби во поединечна конкуренција, а нејзиниот пример за жал го следеше и втората македонска рангирана тенисерка, Магдалена Стоилковска. Во втората рунда на турнирот во Финска, таа загуби од Летонката Маргарита Игњатева (1.233 на ВТА-листата) со 6-3, 6-4.
Пораз доживеа и Горазд Србљак, на турнирот во Нови Сад, вреден 15.000 евра. Во дуел со четвртиот носител, Флоран Бакс од Франција (24 години 602. на АТП-листата) загуби со 0-6, 2-6 за околу час и половина.