Унгарците се покажаа како едни од најтешките противници на Македонија, по Данска и Норвешка (од кои единствено загубивме), но нашите репрезентативци го демонстрираа на дело својот потенцијал во тек на целиот натпревар во Копривница.
Од почетокот играавме ракомет со цврста игра во одбраната, тежок приод до голманите и динамична игра на подвижните бекови во нападот. Ја градевме предноста и поведовме со 5-3, но тогаш настапи голем пад. Губевме топки во нападот, противничкиот голман одбрани неколку удари и Македонија не успеа да постигне гол, речиси, девет минути.
Унгарија направи серија од 5-0 (8-5 во 20. минута) а до паузата Македонија се избори за 12-12. Вториот дел почна уште потврдо и изедначено, но од 45. до 50. минута со серија од три гола поведовме со 21-17.
Иван Галевски со извонредни интервенции беше клучна фигура во запирањето на последниот налет на Унгарците, а Мирче Калајџиески реализира важен пенал, за црвено-жолтите да го задржат водството и да триумфираат. Калајџиески и Александар Петкоски постигнаа по пет гола, четири додаде Самоил Ристевски, додека Галевски забележа 11 интервенции.
Утре од 20 часот, Македонија ќе се соочи со Чешка, која денеска беше подобра од Саудиска Арабија со 36-33. Победникот од тој дуел ќе биде деветти на Мундијалот, поразениот десетти.