Одбојката ќе биде вториот екипен спорт, по женскиот ракомет, кој ќе биде домаќин на европско сениорско првенство. Нашата група, која ќе се игра во Скопје, вечерва ќе ја има својата премиера, а на паркетот ќе истрчаат репрезентациите на Македонија и Данска.
За одбојкарската репрезентација на Македонија ова ќе биде трето учество на континенталните собири, а најголемиот успех го постигнавме во 2019 во Љубљана, кога за влакно ни избега пласманот во осминафиналето.
Oсминафиналето е наша цел на ова Европско првенство, а во групата „Ц“ освен Македонија, ќе настапат и селекциите на Полска, Холандија, Чешка, Данска и Црна Гора. Најдобрите четири селекции продолжуваат помеѓу 16-те најдобри.
Во ек на негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура од соседна Бугарија, македонската одбојкарска репрезентација од вечерва на Европското одбојкарско првенство на кое е ко-домаќин ќе игра со патриотски дресови.
Одбојкарите предводени од Никола Ѓорѓиев на теренот како лидер на оваа генерација со веќе два континентални шампионати зад себе и најдобриот македoнски одбојкарски стратег Јошко Миленковски на клупата ќе се обидат да испишат историски пласман, а на шампионатот ќе настапат во дресови на кои пишува – ние сме Македонци!
Македонските одбојкари веќе низ годиниве покажаа невиден патриотизам со самите настапи и патешествијата кои ги имаа, но никогаш не се откажаа, ниту се предадоа во битката за промоција на Македонија и на македонската одбојка, испишувајќи ги најсветлите страници на нашата одбојка во историјата со претходните два настапи на континенталните шампионати.