Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас, со Наполи ќе игра против големиот Реал Мадрид, откако овие два тима се најдоа во групата Ц, каде што ја имаат улогата главни фаворити за пласман во нокаут-фазата.
Нашиот фудбалер како ривали ќе ги има уште екипи на Брага и на Унион Берлин, што на наполитанците им носи повеќе од реални шанси за пласман во втората рунда. Македонските фудбалски вљубеници, ќе имаат можност во Белград да го проследат актуелниот европски шампион Манчестер сити, кој се најде во иста група со Црвена Звезда. Во српската престолнина ќе гостуваат уште и Лајпциг и Јанг Бојс.
Убедливо најсилна е групата Ф, во која ослабениот ПСЖ, без Лионел Меси и Нејмар, а можеби и без Килијан Мбапе, кој се уште има можност за сензационален трансфер во таборот на „кралевите“, за место во следниот круг ќе води битки со Борусија Дортмунд како втор фаворит, но и со силните и максимално незгодни Милан и Њукасл.
Интересна е и групата Д, каде што Бенфика и Интер ќе мора сериозно да се испотат против Салзбург и Реал Сосиедад за да ја потврдат фаворитската улога, а максимално неизвесна, без апсолутни фаворити, ќе биде групата Е каде што се Феенорд, Атлетико Мадрид, Лацио и Селтик.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ (ГРУПНА ФАЗА)
ГРУПА А: Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед, Копенхаген, Галатасарај.
ГРУПА Б: Севилја, Арсенал, ПСВ, Ленс.
ГРУПА Ц: Наполи, Реал Мадрид, Брага, Унион Берлин.
ГРУПА Д: Бенфика, Интер, Салцбург, Реал Сосиедад.
ГРУПА Е: Феенорд, Атлетико Мадрид, Лацио, Селтик.
ГРУПА Ф: ПСЖ, Борусија Дортмунд, Милан, Њукасл
ГРУПА Г: Манчестер Сити, Лајпциг, Ц. Звезда, Јанг Бојс.
ГРУПА Х: Барселона, Порто, Шахтјор, Антверпен.