Српската кошаркарска репрезентација го продолжи импресивниот настап во нокаут фазата на Светското првенство и денеска заслужено ја совлада Канада (95:86) во првото полуфинале.
Богдан Богдановиќ и неговите соиграчи доминираа и имаа контрола врз резултатот уште од првиот период и до крајот го надиграа противникот, кој потфрли на овој важен натпревар и не успеа да ги повтори игрите од досегашниот тек на мундијалот.
Србите на полувреме имаа плус тринаесет, Канада успеа неколку пати да се закани со камбек, но добрата игра во одбрана и расположените реализатори на Светислав Пешиќ не дозволија поголемо приближување на противникот.
Капитенот Богдановиќ реализираше 23 поени, а веднаш зад него реализаторски беа Добриќ и Милутинов со по 16 поени.
Во канадскиот состав, Берет реализираше 23 поени, додека првата ѕвезда Гилџус-Александер уфрли само 15 поени.
Противник на Србија во финалето ќе биде победникот од дуелот меѓу САД и Германија.