Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ супериорно го освои својот 24. грен слем во кариерата, откако во финалето во Њујорк во три сета, беше убедлив против Русинот Медведев со 6-3, 7-6 (7-5) и 6-3.
Само во вториот сет најдобриот тенисер на сите времиња имаше мака против Медведев, откако се играше гем за гем, со неверојатни пресврти и долги поени. Тој период траеше неверојатни 105 минути и изобилуваше со десетина долги и исцрпувачки поени, по кои и двајцата тенисери по еднаш паднаа на подот без здив.
А, во тајбрејкот, иако двапати беше во негатива, Ноле ја искористи единствената сет топка и најави уште една голема победа.
Првиот и третиот сет личеа еден на друг, но во последниот дел од мечот, се виде дека Медведев психички падна, особено откако по загубениот втор сет побара медицинска помош поради болки во рамото.
Ова беше четврти УС Опен кој го освои Ѓоковиќ, а со вкупно 24 грен слема, покажа и докажа дека е најдобриот на сите времиња, израмнувајќи се на вечната листа со Маргарет Корт.