Шпанскиот првак Барселона полека влегува во победнички ритам, па по стартното реми дојде и до четвртиот триумф по ред во Ла Лига на домашен терен на убедлив начин во пресметката со Бетис (5-0).
Каталонците доминираа и во само седум минути од првото полувреме ги решија дилемите и тоа со головите на Жоао Феликс во 25. минута со деби реализација во новиот тим и на Роберт Левандовски во 32. минута. Сличен блиц-криг домаќинот имаше и кон средината во вториот дел, кога со погодоците на Феран Торес во 62. минута од слободен удар, што е прва реализација од прекин на игра по 867 дена односно по заминувањето на Лионел Меси и на Рафиња четири минути подоцна веќе ја удвоија предноста. Честа да ја „пукне петардата“ ја имаше португалецот Жоао Кансело со својот прв гол во вториот натпревар во дресот на Барса.
Тимот предводен од Чави со оваа победа барем привремено се искачи на врвот од табелата со 13 бодови, еден повеќе од Реал Мадрид, кој досега има четири од четири и кого го чека утрешното дерби на домашен терен против Реал Сосиедад.