Елиф Елмас, влезе во книгата со рекорди во италијанскиот фудбал, но не на начин на кој би посакувал туку поради експресниот жолт картон добиен на вчерашното гостување на Наполи кај Џенова.
Тој на самиот старт од средбата мораше неспортски да го собори противничкиот фудбалер Гудмунсон, кој беше во налет и кој ако поминеше ќе можеше сериозно да го загрози голот на шампионот. Поради ова, Елмас доби жолт картон по само 13 секунди игра, што дефинитивно ќе влезе во аналите на Серија А како „добитник“ на една од најбрзите опомени по почетокот на натпреварот во историјата на италијанската фудбалска елита.
Македонскиот репрезентативен фудбалер и подоцна направи посериозен прекршок, поради што уште во првото полувреме се најде во опасната зона да добие и втор жолт картон што би значело исклучување, па беше заменет на полувремето. Џенова, за која од трибините на стадионот навиваше и клупската легенда Горан Пандев, пред крајот на првиот дел од мечот поведе со 1-0 со голот на Бани.