Финалистот во ЛШ, Интер продолжува да владее во Милано бидејќи петти пат во низа, во цела оваа 2023 година, го победи својот градски ривал Милан, вчера најубедливо во последниве неколку децении со 5-1 во пресметка од четвртото коло во Серија А.

Интер, кој заедно со Јувентус се први фаворити за „скудетото“ е перфектен со четвртата победа сезонава, го здроби градскиот ривал со најубедлив триумф после безмалку пола век, зашто последен пат „нераѕурите“ славеа со 5-1 против Милан во 1974 година.

Интер со оваа џиновска победа ја продолжи серијата започната од јануарскиот триумф со 3-0 во Суперкупот, па победата во Серија А со 1-0 во февруари и потоа двете победи со 2-0 и 1-0 во полуфиналето во Лигата на шампионите.

Нешто повеќе од пола час на Интер му требаше да исчекори кон победата, прво Хенрик Мхитарјан со гол за водство во петтата, па Маркус Турам со прекрасен гол во 38-та минута.

Милан преку Рафаел Леао во 57-та се врати во натпреварот, имаше неколку минути потоа ветувачки напад за втор гол кој го упропастија Рејндерс и Леао, па сѐ заврши откако Мхитарјан во 69-та ја врати предноста од два гола.Екс-миланезот Хакан Чалханоглу од пенал во 79-та само ги дотепа откако Лаутаро Мартинез избори удар од белата точка, а Давиде Фратези во 93-та минута постигна и петти гол.

За Милан ова е прв сезонски пораз, па „росонерите“ остануваат на девет бода сега на третото место, пред нив е Јувентус со 10 и Интер кој е лидер со максимални 12. Интер пак со воведните четири гола и гол-разликата 12-1, само најави дека сезонава е најсериозен кандидат за „скудетото“.