Соседското лондонско дерби меѓу Арсенал и Тотенхем кое се играше на Емирати заврши нерешено 2-2, а Челси киксираше и загуби на свој терен од Астон Вила. Ливерпул го совлада Вест Хем со 3-1.

Арсенал на двапати водеше, но не успеа да го победи Тотенхем,  а Сон беше херојот на Спарси, капитенот двапати израмнуваше.

Топчиите поведоа во 26. минута кога по еден шут на Сака, несреќниот Ромеро си постигна автогол за водство од 1-0. Во 42. минута Сон погоди за израмнување на 1-1.

По девет минути игра во вториот дел Ромеро играше со рака во својот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка, Сака погоди за водство на Арсенал од 2-1, но домаќините не се ни израдуваа, Сон во следната минута израмни на 2-2 што беше и конечен резултат.

Ново разочарување за навивачите на Челзи кој продолжува со лошите резултати, денеска нивниот тим загуби на Стемфорд Бриџ од Астон Вила со 1-0.

Челси имаше шанси, но Џексон и Стерлинг беа непрецизни. Клучниот момент се случи во 58. минута кога Густо заработи црвен картон поради опасен старт. Домаќините останаа со играч помалку.

Следуваше инвазија на Астон Вила која беше крунисана во 73. минута кога Воткинс постигна гол за победа од 1-0.

 

Ливерпул одлично го отвори мечот против Вест Хем, со гол на Салах од пенал во 16. минута поведоа со 1-0, но Боуен во финишот на првиот дел израмни на 1-1.

Во 60. минута Дарвин Нуњез погоди за ново водство на Ливерпул, а на пет минути до крајот Диого Жота реализираше за 3-1.

Брајтон оствари победа од 3-1, тие го совладаа Борнмут со пресврт.

Гостите поведоа со гол на Соланке во 25. минута, Керкез си постигна автогол во судиското продолжение од првиот дел за 1-1. Во второто полувреме во игра влезе Митома, даде два гола и донесе триумф на Брајтон.