Фаворитите во Карабао купот во Англија го минаа 1/16-финалето, со исклучок на најголемиот – Манчестер сити. Актуелниот англиски шампион беше елиминиран од Њукасл со 1-0, на гостински терен, играјќи со комбиниран состав.
На стартот на продолжението Хау се реши да ја засили офанзивата и средината. Во игра влегоа Ентони Гордон и Бруно Гимараеш. Бргу Њукасл дојде до предност, откако Жоелингон го проигра Александер Исак кој стрела за 1-0 во 53. минута. Пех за домаќинот беше повредата на стрелецот, кој десетина минути подоцна беше заменет.
Во продолжението, Сити се обиде да се наметне, ама беше некако без енергија. Ниту измените на Пеп не помогнаа, а не беа ниту ѕвездени. Фоден, како и младите Доку и Нуњес немаа сили да помогнат да се промени текот на мечот, па фаворитот беше елиминиран од натпреварувањето.
Меѓу неколкуте премиерлигашки пресметки во ова коло, атрактивна беше онаа меѓу Челси и Брајтон, која на крај му припадна на тимот со послаба форма – лондонските сини. Откако немаа постигнато гол цел месец септември, конечно успеаја да реализираат, преку Џексон во шестата минута од вториот дел. Брајтон не најде пат до противничката мрежа, иако тренерот Де Ѕерби им даде шанса на играчите, кои обично важат за носители, како Митома, Марч, новодојдениот Ансу Фати итн.
Победничка вечер имаа и Арсенал, со 1-0 кај Брендфорд и Ливерпул со 2-1 против Лестер, а за одбележување е елиминацијата на Астон Вила и тоа на домашен терен од Евертон, со 1-2.