Екипите на Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити немаат причини за славје во овој кошмарен викенд за нив, затоа што доживеаја неочекувани порази во Премиер лигата, иако на хартија важеа за фаворити.
Манчестер Сити го доживеа првиот пораз оваа сезона откако со 2-1 загуби на гостувањето кај Вулвс, фудбалерите на Манчестер јунајтед уште еднаш со наведната глава го напуштија Олд Трафорд откако беа поразени од Кристал Палас со 1-0.
„Црвените ѓаволи“ на Тен Хаг на домашен терен загубија од Кристал Палас (0-1), кого пред неколку дена сигурно го поразија во рамки на ЕФЛ Купот. Домаќинот имаше 20 удари кон противничкиот гол и иницијатива, но не успеа да го најде патот до мрежата за да ја анулира негативата по голот на Андерсен во 25. минута.
И Манчестер Сити ги разочара своите фанови, затоа што загуби на гости кај Вулверхемптон (1-2). Со автоголот на Диаз во 12. минута „волците“ дојдоа до предност, а потоа иако Алварез во вториот дел израмни на 1-1, Хванг Хи-Чан го постави конечниот епилог на „Молинју“.
Непријатно изненадување на фановите им приреди и Евертон кој играше во топ-форма, но ја расипа со пораз од новајлијата Лутон (1-2). Арсенал, пак, покажа моќ и на гости го декласира Борнмут (4-0), со головите на Сака, Едегард, Хаверц и Вајт.
Екипата на Њукасл го победи Барнли (2-0) и зема залет за Лигата на шампионите. Алмирон и Исак ги задржаа трите бода на контото на „страчките“. Очекувано триумфира и Вест Хем против Шефилд Јунајтед (2-0).