Пол Погба заработи повреда уште на почетокот на подготовките со француската репрезентација и оди на принудна пауза, која може да трае и неколку месеци.
Членот на Манчестер Јунајтед беше често критикуван по своите настапи сезонава за „црвените ѓаволи“, а сега воопшто нема да му биде на располагање на менаџерот Оле Гунар Солскјер.
Во Англија веднаш се појавија шпекулации дека актуелната ситуација може да значи дека Погба веќе го одиграл последниот натпреварот во дресот на Јунајтед.
Неговиот договор истекува во јуни, од јануари може да преговара со други клубови, а Манчестер Јунајтед реши да ги прекине преговорите за продолжување на соработката.
Едната варијанта е Погба да замине во јануари со мала отштета, а другата како слободен агент во летниот преоден рок, сценарио на кое премиерлигашот исто така е подготвен, дури и со „замрзнување“ на фудбалерот од првиот тим.
Со оглед на фактот што шансите Погба да се врати на терените во 2021 година се минимални, медиумите на островот потенцираат дека неговиот случај може да заврши со разделба уште во зимскиот преоден рок.